Шарена игра

Шарена игра
Изложбата „Шарена игра“ на Сарита Конеска која ќе се отвори во петок (21 декември) со почеток во 20.30 во Културниот центар Точка.

Она што можеме да го назначиме како иманентно на сликарскиот свет на Сарита Конеска е интензитетот на едновременоста на две навидум контрадикторни нешта: спокојството на потегот, на чувството, на мислата и немирот на бојата, на внатрешните хоризонти и нарации. Сара Конеска не втурнува во една статично-динамична играрија која открива дека тајната клучалка на приказната се крие во фрагментите, деталите, исечоците од простор-времето на животот. Таа не повикува со отворено срце и ослободена мисла да се нурнеме во нејзината интимна перцепција и да се обидеме не само да ги препознаеме и откриеме цитатите, наследствата и моделите од важните за историјата на современата уметност практики, кои Сара Конеска многу суптилно и вешто ги аплицира и “препрочитува“ во своите дела, туку и да откриеме едно поинакво искуство кое ќе формулира нов мозаик во нашите визуелни животни текстови.
Самата Конеска смета дека „целта на сликата е едноставна игра“.

Изложбата е дел од програмската активност на проектот „Филантропски шешир“ на НВО Контрапункт. Овој проект е дел од програмата за грантови за филантропија раководена од Центарот за институционален развој (ЦИРа) во рамки на Проектот за зајакнување на граѓанското општество финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), а имплементиран од Институтот за трајни заедници (ИТЗ).

Настанот ќе биде одлична можност посетителите со своја донација да помогнат некој од следните настани што ќе се реализираат во рамки на програмата. Изложбата се реализира со поддршка на фирмите Урбан Инвест и Студиото за графички дизајн Кома.лаб.